Годинава почна и заврши со „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ во македонска верзија. Еден од најмладите македонски олигарси, Дрин Ахмети, кој на 24-годишна возраст си купи трговски центар за 30 милиони евра, вчера е уапсен со 750 петарди во гепек. Детето во него беше посилно од бизнисменот, а може да е корисно и кога двете ќе се спојат. Јавноста се надева дека Тигарот што го уапси Дрин нема „сам да се удри во пајакот“, а отворена е и обложувалница на твитер за тоа, со колкава казна ќе мине? – Дрин се прослави летово, кога ја купи „Соравија“, а твитерџиите и тогаш го тешеа народот.
Но, популарниот внук не е единствената ѕвезда околу Ахмети. Во мртва трка беше и првиот меѓу еднаквите, Артан Груби, кој на скапоцениот ентериер во канцеларијата му додаде и спортски дух-кош за баскет, но и голчиња за опуштање на министрите од ДУИ. Тука гол даде и синот на Сорос. Откако го потпиша договорот со „Бехтел&Енка“. Вицепремиерот ја облече и најскапата „осмица“ во светот, а не штедеше ниту на патики. Но, немаше пари за возило, па го возеше аудито на комшијата, кое не сакајќи му го запалија.
Министерот за образование им обезбеди учебници на учениците за плажа, а министерот Бујар Османи го спаси ОБСЕ, доби урми на подарок од Јордан, но заборави дека Макрон е претседател, а не премиер.
Келнер стана директор на „Македонски железници“, а напредувањата одеа толку брзо што понекогаш унапредените ни сами не знаеја со која институција ќе раководат.
Дознавме и дека зетот на министерот Азир Алиу всушност не е негов личен зет, туку на неговото семејство, што не е пречка да си го постави за шеф на кабинетот.
На претседателот на државата немаше кој да му го придржи палтото, а едно време остана и без плата, додека вработените во Здравствен дом останаа без здравствено осигурување, а нивните колеги од итната помош си седнаа на кафе, додека пациентот ги чекаше во кола.
СДСМ застанаа „рамо до рамо“ со црвени елеци и повторно станаа мета на фаќање сеир.
Премиерот почна да пазарува низ маркетите, готвеше палачинки и си разговараше со нашите келнери во Словенија кои едвај чекаат да се вратат дома. Дури и запеа во друштво на Вучиќ.
Опозицискиот лидер, математички прецизно, му направи психолошки профил.
Ване Цветанов раскина со Дунавка и стана новоосвестен Бугарин.
А, Влатко Ѓорчев се прошета по Украина, каде се јави на Фејсбук од подземно засолниште поради опасност од бомби. Доби одговор дека е добро штом има интернет.
Остана мистерија кој е Дарт Вејдер на македонското правосудство, кое годинава падна на најниски гранки, додека младите си заминаа од државата, па во еден скопски мол целта беше двапати промашена.
За тоа време, затворениците тивко си ископаа тунел и добија препорака за вработување.
Бестрашниот директор на ЦУК гасеше пожари со гранче, бркаше мечки низ Жировница, а си ги помеша и командирите.
Но, џабе им беше сè, кога на крајот од годината, една жена им го зема приматот на мажите. Постави елка со која нè прослави низ цел Балкан и одигра партија шах со Дедо Мраз кој чекаше двојка на „Партизанска“.
Но, сепак, две запросувања во необични околности, едно во судница, друго под елката, донесоа трошка надеж и нè потсетија на космичката вистина дека самите сме креатори на својата среќа која не зависи од околностите.
Далиборка Демјанска Цветановска