Вечерва во центарот на Скопје е приведен Дрин Ахмети, потврдија за Телма, полициски извори.
Приведувањето го реализирале припадници на специјалната полициска единица Тигар затоа што во автомобил марка ренџ ровер било пронајдено поголемо количество петарди.
Од МВР го потврдија случајот.
-Денеска (30.12.2023) во 19.50 часот на ул.„Самуилова“ во Скопје полициски службеници запреле патничко моторно возило „ренџ ровер“ со албански регистерски таблички, управувано од Д.А. (25) од с.Зајас-Кичево и при преглед на возилото се пронајдени пиротехнички средства. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, ни одговорија од МВР.
Дрин Ахмети е внук од брат на Али Ахмети, лидерот на ДУИ. Неговото име се појави во јавноста кога оваа пролет беше објавено дека неговата новоформирана фирма Тхор сака да го преземе Соравија центарот кој се наоѓа до ГТЦ во Скопје. Парите за зделката требаше да ги даде банката ПЕ-ВЛА-КУ од Тирана, Албанија.
И чичкото на Дрин, Али Ахмети, но и неколку министри како Османи и Бектеши го бранеа дека е способен млад бизнисмен откако беше обелоденето дека ќе го преземе над 30 милиони евра вредниот деловен објект без да вложи евро.
Нови, информации за таа зделка немаше иако дури и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори случај по допрен глас.
Половина година по партиските фалби дека е млад и способен бизнисмен, Дрин Ахмети е приведен поради транспорт на пиротехника.
Откако внукот на Али Ахмети е фатен, полицајците го предале во полициската станица Беко, а случајот го презеле инспектори од полицискиот оддел за борба против недозволена трговија.
Ахмети, според сознанијата на Телма, првично рекол дека имал фабрика за експлозиви и пиротехника.
ФОТО: Што нашле полицајците во возилото на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ