Судскиот совет за денеска ја покани на средба претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми поради последните случувања и објавени написи во медиумите за политички притисоци врз судиите во највисокиот суд врз вршењето на нивната функција.
Од Судскиот совет велат дека средбата треба да се оствари без одлагање поради сензитивноста на прашањето.
Адеми во интервју за СДК тврдеше дека постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер на 25 октомври имаше средба со судиите од Врховниот суд. На средбата, тогаш како што соопштија од амбасадата, било истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека во носењето на судските одлуки не смее да се дозволи мешање на другите власти.
