Пропадна обидот за амнестија. Мнозинството пратеници, вклучувајќи ги и СДСМ, контра предлогот на Владата. Министерот Кренар Лога тврди дека коалицијата не е доведена во прашање но се сомнева дека ова е одмазда што не дал поддршка за измените на Кривичниот законик. Сепак не се предава. За неколку дена повторно ќе го поднесе во Собранието истиот Закон за амнестија – овој пат по редовна постапка.
Албумот со фотографии и написи за тешките услови во затворот „Идризово“ не ги убедија пратениците дека треба да гласаат за законот за амнестија. Само 15 пратеници поддржаа ваква точка на дневниот ред. Со 66 гласа против и тројца воздржани, меѓу кои и коалициските пратеници од СДСМ, Собранието ја отфрли потребата од ваков закон. Министерот Кренар Лога смета дека ова е одмазда поради неподдржувањето на Кривичниот законик.
И покрај разногласието во коалицијата, Лога тврди дека Владата не е во криза, а тој има намера за неколку дена повторно да го поднесе до пратениците истиот тескст.
Иако предлог законот подготвен во Министерството за правда ја помина владината процедура, заменичката на Лога, Викторија Аврамовска-Мадиќ завчера најави дека СДСМ ќе поднесе амандман со кој ќе бидат изземени осудените од случајот Монструм. Опозициската ВМРО ДПМНЕ најави илјадници амандмани за да го блокира носењето на овој закон.
И покрај ваквото противење, Лога тврди дека се работи за текст кој воопшто не е различен од претходните амнестии. Требаше целосно да ослободи од затвор 286 затвореници а на речиси илјада да им се намали казната. Министерот потсетува дека, додека 2 илјади 114 осудени лица издржуваат затворска казна, други 2 илјади 813 чекаат да влезат во затвор.
Соња Николовска
