335 странци и лица со двојно државјанство, дополнително и 76 тешко повредени и болни преминаа низ граничниот премин Рафах во текот на вчерашниот ден, соопштија египетските власти. Тешко повредените беа донесени со возила на медицинските екипи кои чекаа на граничниот премин по одлуката дека Египет ќе ја крене рампата и ќе дозволи влез за најзасегнатите. Сите се хоспитализирани во екипетските теренски болници кои се подигнаа за нив.
Сепак, во Појасот Газа останаа заглавени повеќе од 20.000 ранети, соопштија од „Доктори без граници“, од каде се загрижени за големиот број заробени цивили. Укажуваат дека ако не се достави критичната помош, оваа криза ќе има несогледливи последици за целото човештво.
Се очекува денеска повеќе луѓе да преминат од Газа во Египет.
Како и вчера, на преминот ќе биде објавен список со околу 500 имиња на луѓе на кои им е дозволено да преминат, изготвен од египетските власти, од каде велат дека ќе дозволат влез само на оние чии имиња се на списокот, но не и на другите кои чекаат во очај.