Вести Економија

Пензионерите утре пред Влада, а надлежните тактизираат – се бара решение за повисоки пензии

Пензионерите утре се пред Влада. Не отстапуваат од намерата за протест и не веруваат на надлежните кои тврдат дека се преговара.

Повисоки пензии за 3500 денари секому, а потоа нека се усогласуваат за минимална пензија. Ова е ставот на светиниколските пензионери кои и денес протестираа.

Досега блокираа патни правци, а за утре најавуваат масовност на „Илинденска“ број 2.

„Ниту од Министерството за труд и социјална политика, ниту од Сојузот на здруженијата на пензионерите, ниту пак од Владата не излегоа во пресрет на нашите барања. Сѐ уште нѐ маткаат со тоа дека имаат некакви комисии, дека се договараат, дека преговараат и дека се усогласуваат. Но, ние просто и едноставно рековме дека бараме веднаш во основицата на пензијата да влезат овие 3500 денари коишто ги бараме, а потоа да се усогласуваат и да бараат други решенија за минималната пензија“ вели Трајче Станојков, член на Иницијативниот одбор за протести на пензионерите во Свети Николе.

 

„Како можат тие самите за себе да си носат одлука?! За еден ден донесоа одлука да си ги зголемат платите за 78%. Како може тоа за нив да биде законски, а Тренчевска нас да нѐ лаже дека не е законски?!“ е ставот на друг пензионер.

Додека пензионерите бараат, властите тактизираат. Министерката за труд и социјала вчера порача дека до крајот на месецов очекува предлози за мерки.

Анализите се во тек, а работната група и денес се состана на редовен состанок. Нема детали дали денес произлегле некакви конкретни предлози.

„Во работната група си споделуваат податоци, тоа се неопходни податоци коишто им се потребни за да можеме да пристапиме и кон креирање на социјални мерки за пензионерите со ниски пензии. Очекувам до крајот на месецот да имаме конкретни предлози коишто ќе бидат претставени и пред јавноста и пред пензионерите“ кажа министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во вчерашната изјава.

Во посебен фокус на разговорите на засегнатите страни е воведување на мерки за пензионерите со најниски пензии.

Во работната група се претставници на министерството, Владата, Сојузот на пензионери и од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе