Седмиот ден на Светското првенство во атлетика го одбележаа настапите на Ноа Лајлс, Јулимар Рохас и Шерика Џексон.
Американецот Лајлс потврди дека во моментов е кралот на светскиот спринт и на златото освоено на 100 метри го додаде и најсјајното одличје на двојно подолгата патека. Тој доминираше на патеката во Будимпешта и новиот мундијалски трофеј стигна со 23 стотинки подобар резултат од сонародникот Еријон Најтон додека трет беше Лецил Тебого од Боцвана.
Кај дамите првото место и припадна на Шерика Џексон од Јамајка, која го одбрани тронот од пред една година, а на целта пристигна со време од 21 секунда и 41 стотинка што е втор најдобар резултат во историјата на оваа дисциплина. Среброто и бронзата им припаднаа на Американките, Габриеле Томас и Ша’Кари Ричардсон.
Јулимар Рохас со скок од 15 метри и 9 сантиметри забележан во последната серија стигна до четвртиот последователен златен медал на Светските првенства. Втора со прескокнати 15 метри беше Украинката, Марина Бех Романчук, а трета е Кубанката, Лејанис Перез Ернандез.
Со резултат постигнат во последната серија триумфираше Харука Китагучи од Јапонија, која копјето го фрли на далечина од 66 метри и 73 сантиметри и го надмина постигнувањето на Флор Дениз Руиз Уртадо од Куба, а со бронзата се закити Мекензи Литил од Австралија.
ФОТО: Игор Паневски