Обвинителството ден по семејната трагедија која се случи на автопатот Штип-Миладиновци, во близина на Три Чешми излезе со детали за несреќата, во која животите ги загубија мајка, ќерка и баба на возраст од 37,15 и 62 години. Возачот во кој се превезувале жртвите бил под дејство на алкохол.
Од обвинителство наведуваат дека дополнително, со цел да се утврди точниот процент, земени се примероци од крв за анализа.
Петчленото семејство се враќало од веселба од Кочани, а патувале кон Скопје. Возачот од овој автомобил почнал да претекнува возило Тојота со кочански регистерски таблички, во кое се превезувале две лица.
„Во моментот на престигнувањето, возачот на „Шевролетот“ загубил контрола врз возилото, па најпрвин удрил во левата банкина, а потоа се одбил и удрил во автомобилот кој паралелно го претекнувал. Како последица на сударот, двата автомобила се превртеле во канал покрај патот, при што животот го загубиле три лица од скопскиот автомобил – сопруга, ќерка и мајка на сопругата на возачот. Останатите четворица учесници во несреќата се здобиле со телесни повреди, при што најтешки повреди се констатирани кај сопатникот во кочанското возило“ се вели во соопштението од ОЈО.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓиев вели дека трите лица кои беа хоспитализирани во болницата се во добра здравствена состојба, со полесни повреди и се пуштени на домашно лекување, а најтешко повредениот кој е транспортиран на Клиниката за торакална хирургија е во стабилна состојба.
Вчера на местото на несреќата бил повикан сообраќаен вештак, а обвинителството ќе издаде наредба за сообраќајно вештачење.
Се обезбедува целокупна медицинска документација за повредените и починатите во несреќата.
По целокупното испитување на настанот, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката.
Викторија Јованова
Тешка сообраќајна несреќа со повеќе жртви – Меѓу загинатите и 15 годишно девојче
