Ниту една цела недела откако профункционира „Пријави насилство“ адресата на Образование и наука, а веќе пристигнале 20 пријави за врсничко насилство. Институциите ќе ги разболичуваат девијантните појави во училишните ходници и дворови и низ училниците, преку вмрежена акција. МОН, МВР, Труд и социјала заедно со педагози и психолози ќе постапуваат, додека надлежните уверуваат дека вака ќе се превенираат идните случаи и ќе се спречи ескалација. Поучени од тоа што се случи во основно училиште во Србија, од МОН уверуваат дека целосно ќе се реформира образованието. Но, стручни лица со долги години искуство во ресорот алармираат дека коренити промени не се возможни, затоа што системот веќе е „разјаден“ од сите страни.
Не можат педагозите и психолозите да се занимаваат само со позитивни и негативни оцени или со оправдани и неоправдани изостаноци. Каде се стручните активи?! Каде се одделенските активи?! Каде се советите на родителите?! Тие не функционираат. Формално-правно да, но во практиката тоа го немаме. И сега, им се дава сè на стручните служби. А, тие треба да се занимаваат со воспитната компонента, со изнаоѓање на врсничкото насилство помеѓу децата и со разговори со нив, ИЗЈАВИ Ѓорѓи Илиевски – Просветен инспектор во пензија
Од МОН веќе кажаа дека до крајот на неделата ќе бидат подготвени упатствата и препораките. Училиштата ќе добијат насоки како да се постапува веднаш штом излезе на површина случај со врсничко насилство. Целосно нов Протокол главно околу безбедноста на училишната средина, ќе профункционира заедно со почетокот на новата учебна година, најавуваат надлежните. Стручната јавност повикува – во новиот Протокол да се стави главен акцент на тоа како да се препознае врсничко насилство, а потоа и како да се разговара со децата. Со назив „Кризен протокол“, ова упатство за училиштата треба да значи реактивност. Ако сè уште се игнорира тоа што се случува кога дете ќе се пожали – ќе останеме заглавени со ваквите случаи како и досега.
Како прво – не го препознаваме врсничкото насилство. Голем дел и од наставниците не го препознаваат, за жал. Не знаат, не препознаваат што е тоа насилство и какво влијание има врз менталното здравје, ИЗЈАВИ ВО ТОП ТЕМА Проф. Д-р Славица Арсова – Универзитетска клиника за психијатрија
Ние сме една од ретките држави каде што нема казни за родителите. Значи не може родител да не биде заинтересиран и да го молиш да дојде во училиште да разговара за проблемите на сопствениот син, ВЕЛИ ВО ТОП ТЕМА Томислав Гиевски – Претседател на Независниот синдикат за образование и наука
Како прв чекор, надлежните најавија дека ќе биде регулација на интернет просторот и користењето на апликацијата ТикТок за одредени возрасти, како извор за девијантни појави кај младите во реалниот живот. Но, експертите веќе се произнесоа за ова прашање и предупредија – со забрана за една социјална мрежа, ќе се поттикнат младите, спорните содржини да ги преселат на друга платформа.
Петар Догов
