Дисциплинската комисија на Обвинителството одлучи да бара разрешување на Вилма Русковска од нејзината обвинителска функција. Комисијата тврди дека утврдиле тешка дисциплинска повреда во нејзиното работење. Пропустот на Русковска поради кој беше пријавена од поранешниот директор на Финасиската полиција Арафат Муареми, а се однесува на истрага и претреси во кабинетот на Муареми и во финансиската полиција. Обвинителката Русковска ја отвори истрагата лани во јули поради пријавени сомнежи за злоупотреби на Муареми во финансиската полиција, но тој ја пријави за дисциплински повреди и победи пред дисциплинската комисија на обвинителството.
За поранешна основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители, а комисијата ја осуди, се вели во соопштението на јо.
Русковска само кратко ни кажа дека уште не го добила решението и не е известена, поради што не ја коментираше одлуката. Престапот за кој е осудена Русковска од своите колеги е за „намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител.“
Уште две други обвинителки беа опфатени со дисциплинската постапка, а ги истражуваа пријавите за злоупотреби во финансиската полиција. За Ивана Трајчева исто така е утврдена тешка дисциплинска повреда, но и изречена мерка – намалена плата во наредните 6 месеци за по 30 отсто.
Обвинителката Елизабета Јосифовска пак е ослободена од одговорност, само еден ден откако нејзината ќерка ја доби дипломата за завршена Акдемија за судии и обвинители заедно со уште десетина деца на политичари, судии и обвинители, како дел од новата контроверзна генерација во македонското правосудство.
Русковска како шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистрага против Муареми по повеќе пријави дека во финансиската полиција се отварале фиктивни предмети против бизнисмени, а отпосле им биле барани пари за да се затворат предметите. Таа истрага се уште се води во Обвинителството за гонење на организиран криминал и коруппција, иако нема потврда на неофицијалните информации дека сведоците не доаѓале за да сведочат заплашени од постапките против трите обвинителки.
Миомир Серафиновиќ
