ОД Синоќа во 19 часот до утрово во 07 часот на преминот „Делчево/Станке Лисичково“ на границата кон Бугарија во земјава влегле само двајца граѓани. Според Регионалниот центар за гранични работи – Исток, на преминот нема поголема група граѓани а утрово до 08 часот ниту еден бугарски граѓанин не ја поминал границата а од 08 до 09 часот само две возила со бугарски регистарски таблички во кои се наоѓаат државјани на Бугарија чекале за влез во земјава.
Повеќето од бугарските државјани за Телма велат дека доаѓаат во градот за на пазар, заболекар или други услужни дејности а не за прославата по повод раѓањето на Гоце Делчев.
,,Тргнати сме за Делчево, имам закажано на заболекар, не ме интересира тоа за Гоце Делчев, тргнат сум по работа, вели еден од анкетираните .
– Ние сме Бугари, ама преку ден сме во Македонија, скоро 20 години поминавме тука, си земаме јадење. На граница слободно минуваме без проблем, а тоа другото е политичка работа, ние сме тргнати да завршиме работа, вели друг граѓанин на Бугарија.
Во Делчево за денеска во 10 часот е најавено положување цвеќе пред споменикот на патронот Гоце Делчев, каде од претходно од Општина Делчево најавија дека не се најавени гости од други држави.