Седнаа на тркалезна маса за евроинтеграцискиот процес на земјата, а заглавија на аголот корупција. Системот пропаѓа од празни заложби, безспредметни пресконференци, без искрена посветеност нешто да се подобри. Оваа порака доаѓа од американската амбасада во земјава, а на македонскиот политички врв им ја соопшти в лице, заменик амабсадорот на САД, Ерик Мејер.
Се осврна на едноцифренета доверба на граѓаните во правосудството, недовербата кај бизниз заедницата, а поентираше дека корупцијата ја подјадува иднината на новородените деца во земјата.
Избраните функционери мораат да им служат на своите гласачи, да излезат од статус кво и да ја запрат корупцијата. Институциите особено правосудните мораат да функционираат независно. Но, не го прават тоа. Заборувам за многу повеќе од предлог реформи, многу повеќе од пресконференции и многу повеќе од вакви дебати. Да, легислативите треба да се унапредуваат, и да бидат усогласувани со европската унија, но овде се работи за многу подлабоки работи. Јас овде зборувам за вистински реформи подалеку од законски измени. Вистинските промени значат смена на политичката култура и да почне да се работи во име на граѓаните на Република Македонија. Ние немаме видено таква вистинска и искрена посветеност, истакна Ерик Мејер, шеф на мисијата на амбасадата на САД во Скопје
Додека, американскиот висок претставник впери прст во избраните власти, надлежната министерка проблемот со корупцијата го префрли на целото општество, и последните судски одлуки кои што ја брануваат јавноста.
Домаќинот, пак, на дебатата, Мухамед Халили гаѓаше директно. Граѓаните на земјава ги подели на млади луѓе без перспектива и „бегалци“ од земјава. Се поткрепи со последните скандали со несоодветни дипломи на деца на функционери и државни вработувања на сопруги на министри. Извор на корупцијата, според Халили се политичките партии кои владеаат со државата.
Додека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков обвинет за сериозни злоупотреби на службаната положба, ситно брои до застарување на дел од кривичните дела, надлежниот судски коректор бавно чекори кон утврдување одговорност кај повисоките судови, граѓаните во анкета одлучно кажаа 4 отсто доверба во правосудството.
Шефот на државата Стево Пендаровски, смирува со скокот од 24 места, според Извештајот на Транспаренси интернешенeл, во делот корупција. Но, дека сме далеку од просекот на европските земји потврда на денешната тркалезна маса за „Македонија помеѓу западот и истокот“ стаса и до евроамбсадорот Дејвид Гир, кој исто така очекува реформи, а не празни зборови.
Павле Беловски