Претседавањето со ОБСЕ носи признание и можност за афирмација на нашата земја, но и трошоци од околу 5 милиони евра. Најголема ставка зафаќа министерската конференција што треба да се одржи кон крајот на годината, потенцира министерот Бујар Османи. Ќе се одржи во „Борис Трајковски“, со посебни доградби и адаптации за да се достигнат високите безбедносни стандарди за 70 министри за надворешни работи, меѓу кои и гостите од САД и од Русија.
Тим од 11 одбрани и обучени лица веќе работи во Виена. Во земјава, имаше тендер и агенцијата „Рејтинг“ доби 100 илјади евра за „дизајнирање, брендирање и стратешки комуникации за промовирање на државата“, објаснува Османи. Веднаш по претставувањето на приоритетите, кон средината на јануари ќе го посети Киев. Османи ќе бара начин како да ја врати мисијата на ОБСЕ во Украина, но нема намера да отстапи од принципите на организацијата. Тоа му го укажал и на рускиот колега Лавров во писмената преписка.
„Се работи за луѓето“, е годинешното мото на ОБСЕ. Македонија ќе се ангажира околу темите климатски промени, владеење на правото, млади, невладини организации, а во регионот ќе отвори посебен пакет за зголемување на свеста за корупцијата.
Соња Николовска
