Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека барикадите кои локалните Срби ги поставија во северно Косово ќе бидат отстранети во наредните неколку денови. Во интервју за босанскиот портал Истрага.ба, кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти порача дека, доколу барикадите не бидат отстранети од КФОР, тоа ќе го стори полицијата на Косово.
„Ако тоа не го стори КФОР, ќе го направиме ние. Не може тоа да трае со месеци. Ниту со недели. Само неколку денови“, изјави Курти.
Според косовскиот премиер, барикадите се „само нова епизода“ во сценариото за дестабилизација на Косово, подготвено од властите во Белград.
„Ние ја имаме полицијата на север, која е сега поприсутна од кога и да е порано. Но, имаме и 11 барикади. Овие барикаде се само нова епизода по онаа првата, во која Србите добија наредба од Белград да ги напуштат сите косовски институции“, вели Курти.
Тој смета дека со последните дејствија во северно Косово, властите во Србија „ги повторуваат грешките од 90-те години“, кога се случија воените конфликти во БиХ и во Хрватска.
„Тие немаат креативност. Тие не знаат друго освен да ги повторуваат грешките од 90-те години, кога градеа барикади во БиХ и во Хрватска. Значи, на извесен начин, знаат само да се повторуваат. Јас мислам дека и овој обид ќе им пропадне“, изјави Курти.
Тој вели дека на оние кои ја спроведуваат блокадата во северно Косово директивите им доаѓаат од Белград, додека српското население во таа област е заплашено од илегалните структури, кои станале криминални банди и кои се „поагресивни од кога и да е порано“.
