Вести Најважни Свет

КФОР потврди: Пукотници во близина на наша патрола која била на задача во околината на Зубин Поток

КФОР ги потврди информациите дека синоќа имало пукотници во близина на нејзина патрола кај Зубин Поток во северно Косово, каде што локалните Срби имаат поставено барикади на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија. Во соопштение до медиумите, мировната мисија на НАТО наведува дека станува збор за патрола со војници од Летонија и дека во инцидентот немало повредени.

„Патрола на КФОР, која што била на задача во околината на Зубин Поток, слушнала и видела неколку пукотници во своја близина. Нема повредени и нема материјална штета. Сега ги проверуваме фактите и накнадно ќе објавиме дополнителни информации“, се вели во соопштението.

Со тоа, КФОР го демантира лидерот на најголемата партија на косовските Срби, „Српска листа“, Горан Ракиќ кој изјави дека се работи за дезинформација и дека кај Зубин Поток немало никакви пукотници.

„Сакам да ги негирам извештаите во приштинските медиуми дека имало напад врз единица на КФОР. Нашите информации од терен велат дека немало никаков напад. Ситуацијата е мирна“, изјави Ракиќ.

Косовските Срби на 10 декември поставија барикади на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблчички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк под чад кој се шири од пожарите во Канада

Sasko Dimovski

Англија ќе воведе забрана за продажба на енергетски пијалаци на лица под 16 години од април во 2027 година

Sasko Dimovski

ЕУ назначи Словенец за „помирување и нормализација“ на Западен Балкан

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе