Денешното рочиште за предметот „Титаник 2“ не се одржа поради отсуство на обвинетиот Сашо Мијалков, кој не бил спроведен од затворот во Струга.
Судот тврди дека била испратена покана за денешното продолжение на судскиот процес „Титаник 2“, за злоупотреби и влијанија во Државната изборна комисија, но не знаат зошто обвинетиот Мијалков не бил донесен.
Пред осум дена судот добил повратница од затворот во Струга дека таму стасала судската покана за Мијалков кој треба да е таму на издржување на тригодишната затворска казна. Но, кога судиите се обратиле зошто не стигнало затворското комбе, од струшкиот затвор одговориле дека немаат добиено наредба.
Се поизвесно станува дека Мијалков ќе се спаси од одговорност во овој предмет, каде се гони за дело „примање награда за противзаконито влијание“, а поради учество во изборни нерегуларности на изборите во 2013 година. Делото ќе му застари за нешто повеќе од четири месеци, а рочиштата постојано се одлагаат.