Дваесет и деветгодишниот велешанец кој вчера на улица во градот прегази 11-годишно дете и тешко ја повреди нејзината мајка сè уште е во бегство.Тимови на локалната полиција се обидуваат да му влезат во трагa и да го лоцираат. Неговиот мерцедес е подигнат и веќе е на полицискиот паркинг.
Според информации на Телма станува збор за Ангелче Н., a брзината со која тој го управувал автомобилот е причина за трагедијата која го потресе Велес и Македонија. Тој се движел по улицата „Борис Трајковски“ и во близина на основното училиште „Васил Главинов“ налетал на мајката и ќерката кои минувале на пешачки премин. Девојчето било отфрлено десетина метри. Починало веднаш. Наместо да застане, тој продолжил да вози и побегнал. Автомобилот е најден во близина на неговиот дом.
Сведок на трагедијата бил таткото на жртвата, кој неколку момент претходно го минал пешачкиот премин и гледал како автомобилот удира во неговата сопруга и во неговата ќерка.
Двајцата родители со возило на итна помош биле префрлени во велешката болница. Мајката имала скршеница на ногата и повреди на главата, таткото бил во состојба на шок со болки во градите.
Велешани со жестоки реакции по трагедијата. Потсетија дека со години бараат од локалните власти подобро да го регулираат и да го забават сообраќајот на улицата која е долга и права и минува покрај училиште.
Пешачкиот премин, кој треба да е единственото безбедно место за минување на улица, е често место на трагедија. Минатата година, кај трговскиот центар „Сити Мол“, преминувајќи го булеварот „Партизанска“, настрада 24-годишната Викторија Николова, а на истиот булевар, но кај Универзалана сала настрада студентката Фросина Цековска.
Во јуни минатата година во Скопје, на крстосницата кај гимназијата „Јосип Броз Тито“ на пешачки премин ќе настрада 32-годишна скопјанка пред очите на сопругот и петмесечното бебе. Возачот е под дејствто на наркотици. Семејството ги донираше нејзините органи и во исчекување е на правдата, но досега е одржано само едно судско рочиште.
Огнен Чанчаревиќ
