Ние не сме организатори на протестите, не знаеме до кога ќе траат, не знаеме дали ќе се прошират и на други улици и во кој формат ќе се протестира, се вели во соопштението на „Макекспрес превоз“, потпишано од Милорад Димитријевски како сопственик на компанијата.
„Сакам да ја информирам јавноста дека претпријатието „Макекспрес превоз“ не е организатор на протестите. На улиците со своите возила се приватните превозници кои бараат средба со градоначалничката Данела Арсовска и исплата на заостанатиот долг. Раководството на „Макекспрес превоз“ не знае до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира од причина што не е организатор на истиот“, се наведува во дописот од „Макекспрес превоз“.
Од таму порачуваат дека остануваат силна поддршка на превозниците, но и апелираат до политичките партии да не го злоупотребуваат претпријатието и превозниците за политички препукувања и поени.
„Ние постоиме од осамостојувањето на државата и досега, без разлика на нашите лични политички убедувања, не сме давале јавна политичка поддршка, ниту сме фаворизирале политички партии. Наша единствена цел е да реализираме навремен и квалитетен превоз за граѓаните, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност. Затоа уште еднаш апелирам до политичките партии, протестот на превозниците да не се злоупотребува“, нагласуваат од „Макекспрес превоз“.
Компанијата, во име на превозниците, упатува извинување до граѓаните за настаниот метеж по улиците и ја повикува градоначалничката Данела Арсовска да седне на преговарачка маса за изнаоѓање на соодветно решение за проблемот.
