Во електровлечната подстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е предизвикано целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, информира ЈП МЖ Инфраструктура.
- При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени. Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност. Според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра, се вели во соопштението.
Од ЈП МЖ Инфраструктура велат дека овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај.
Б.С.
