Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денес во Собранието на Република Македонија одржа прес-конференција на која најави изготвување на нов Предлог-закон за критична инфраструктура. Со предложеното законско решение, Левица бара обезбедувањето на стратешките објекти и критичната инфраструктура од највисоко национално значење да го врши Армијата на Република Македонија, во координација со другите надлежни институции.
– „Денес ја свикуваме оваа прес-конференција да најавиме изготвување на нов Предлог-закон за критична инфраструктура. Закон со кој државата конечно ќе почне да се однесува кон своите стратешки капацитети како капацитети и системи кои се прашање од национална безбедност, а не како административна формалност“, истакна Мециновиќ.
Осврнувајќи се на неодамнешните инциденти во повеќе градови, Мециновиќ посочи дека тие ја покажале сериозната ранливост на критичната инфраструктура во државата.
– „Последните случувања се алармантни – по загадувањето на водата во Гостивар и откако видовме колку е лесен пристапот до овие системи за водоснабдување. Ова е јасен сигнал дека државата не се однесува доволно сериозно кон своите стратешки објекти. Зборуваме за системски пропусти кои директно ги загрозуваат здравјето, безбедноста и довербата на граѓаните во институциите“, нагласи тој.
Мециновиќ образложи дека водоснабдителните системи, браните, енергетските капацитети, комуникациските центри и останатите стратешки објекти претставуваат критична инфраструктура чија заштита мора да биде третирана како прашање од национална безбедност.
– „Армијата е единствената институција која располага со потребната организација, дисциплина, обучен кадар и капацитет за континуирано обезбедување на овие објекти во време на сè поголеми безбедносни ризици, хибридни напади, климатски промени, но и деградација на условите за живот во Република Македонија“, рече Мециновиќ.
На крајот, тој упати повик до сите пратенички групи да го поддржат предложеното законско решение.
– „Мислам дека на сите ни е јасно дека не смееме да стравуваме кога ќе ја пуштиме чешмата со вода дали ќе бидеме затруени. Тоа покажува дека во Македонија е преминат секој последен аларм за дејствување. Затоа ги повикуваме сите пратенички групи да го поддржат ова законско решение. Време е Македонија да ја сфати критичната инфраструктура како прашање на национален суверенитет и национална безбедност“, заклучи Мециновиќ.
