Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.
„Осомничениот 30-годишник со нож се заканувал на двајца сопружници во чија фирма работел, барајќи да му ги исплатат последните неисплатени дневници. На 21 јули попладне, кога мажот и жената со нивниот автомобил излегувале од фирмата во селото Трубарево, осомничениот им го попречил патот, застанувајќи пред возилото со нож во рацете. Агресивно замавнувал, ги навредувал и им се заканувал, а потоа со ножот им ја исекол левата задна гума од автомобилот. Оштетениот се обидувал да го смири, а неговата сопруга исплашена побегнала и влегла во казино во близина од каде повикала полиција“, соопшти обвинителството.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки за претпазливост за осомничениот – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување до оштетените.
