Давала податоци на осомничен за криминал со што тој бил чекор понапред од обвинителството и го загрозила безбедносниот систем. За ова судијата Илија Трпков ја осуди поранешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска на која веќе половина година и се суди. Виновна е, но доби условна осуда, една година во затвор ако стори ново кривично дело во следните три години.
Димитровска е осудена дека на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, кој сега е обвинет во случајот Адитив со пораки му издавала податоци од предмети кои биле отворени во антикорупциска за него, додека траела истрагата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Со неа условна осуда доби и нејзиниот колега од државна ревизија, од каде таа дојде во ДКСК, Миле Столевски.
Тој ќе лежи половина година во затвор, ако во следните две години стори кривично дело. Судот смета дека со тоа што го полагал испитот за безбедносен сертификат во име на Димитровска, заедно го загрозиле безбедносниот систем. Обвинителите очекувале ефективна затворска казна, но ќе ја чекаат пресудата дали ќе се жалат.
Ослободителна пресуда доби Билјана Мантова-Петровска. Беше обвинета дека како раководителка во ТЕЦ Неготино на осомничениот во Адитив, Стојановиќ му испраќала документ од БЈБ со барање за да се достават сите податоци за тендерите за мазут кои ги добила фирмата РКМ на Капушевски. Според судот обвинителите, не го докажале обвинението за неа, но обвинителството најави жалба.
Билјана Николовска
