Министрите за финансии на земјите-членки на ЕУ денеска го одобрија новиот унгарски национален план за закрепнување и отпорност, што ја отвора можноста за пристап до 10 милијарди евра блокирани средства.
Средствата беа блокирани поради сериозни и систематски прекршувања на владеењето на правото за време на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан. Новата унгарска Влада на премиерот Петер Маѓар поднесе изменет предлог за национален план за закрепнување и отпорност, што денеска беше одобрен.
Советот денеска одобри нов План за закрепнување и отпорност (ППО) за Унгарија. Новиот план треба да овозможи исплата на 10 милијарди евра на Унгарија, што се состои од околу 6,5 милијарди евра грантови и околу 3,5 милијарди евра заеми.
Советот на ЕУ наведува дека изменетиот унгарски план за закрепнување и отпорност ќе обезбеди заштита на финансиските интереси на Унијата, ќе ја зајакне унгарската антикорупциска рамка, ќе ја зголеми транспарентноста на јавните ресурси и јавните набавки и ќе го подобри вклучувањето на засегнатите страни и социјалните партнери во законодавниот процес. Новиот план, исто така, вклучува мерки за зајакнување на независноста на судството и владеењето на правото во Унгарија.
Плаќањата од Механизмот за закрепнување и отпорност се насочени кон цел, што значи дека Комисијата исплаќа износи на секоја земја само кога ќе ги исполнат договорените клучни цели и задачи за завршување на реформите и инвестициите вклучени во нивниот план.
Унгарија има многу малку време да ги повлече средствата блокирани досега. Рокот до кој членовите мора да ги спроведат сите реформи и инвестиции и да ги исполнат сите поставени цели и клучни фази е 31 август, 30 септември е крајниот рок за поднесување на конечни барања за плаќања, а крајниот рок за плаќања е 31 декември оваа година.
