Вести Македонија Топ вести

(Фотогалерија) Скопје под вода: Поројниот дожд поплави улици, сообраќајот во колапс

Силното невреме проследено со пороен дожд, грмежи, силен ветер и локална појава на град попладнево предизвика поплави и сообраќаен хаос во Скопје. Голем број улици и подвозници останаа под вода, а движењето низ главниот град е значително отежнато.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале бројни пријави од граѓани за поплавени подрумски простории, дворови на куќи, магацински простории, подвозници и кружни текови, како и за заглавени возила и други ризици предизвикани од обилните врнежи.

Најпогодени од невремето, според досега пристигнатите информации, се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. Од ЦУК информираат дека за сите пријавени случаи веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и единиците на локалната самоуправа, кои постапуваат согласно своите надлежности. Во меѓувреме заседава и Кризниот штаб на Град Скопје, кој ги координира активностите на сите надлежни служби.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претхоно соопшти дека Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се целосно мобилизирани и се на терен. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во 15:45 часот информираа дека во Скопската Котлина има јак пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и локална појава на град. Нестабилно време е регистрирано и јужно од Куманово, како и во југоисточните делови од земјата.

Сообраќајот на булеварот „Партизански одреди“ во правец кон Центар е во застој, додека низ централното градско подрачје сообраќајот се одвива отежнато. Поради поплавените коловози и намалената прегледност, автобускиот превоз се соочува со доцнења и отежнато движење. Надлежните институции апелираат граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, да бидат особено внимателни при движењето и да ги пријавуваат сите итни случаи на бројот 112.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Секој ден во државата никнуваат по две нови диговрадби и тоа во зони со високоактивно сеизмичко подрачје

Tea Dimkovska

Профили на новите министри во реконструираната Влада

Дејан Дејан

Пропаднат асфалт и непроодни и ризични патишта – жителите на Кисела Вода и Сопиште оставени без алтернативен правец

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе