Земале бројче за да добијат место во ред во раните утрински часови, пред да почне со работа Центарот за вработување, па потоа уште повеќе часови чекаат да влезат во канцеларија за да се пријават за користење на мерките за добивање државен грант за самовработување. Добивале насоки од луѓе, за кои не се сигурни дека работат во Центарот за вработување, а сведочат дека имало и нарушување на јавниот ред и мир.
Вакви поплаки стигнаа до нашата редакција од голем број граѓани кои се плашат да зборуваат пред камера од страв да не имаат последици.
Дел од апликантите признаа дека со часови треба да се чека за да се поднесе пријава за една од мерките.
Како го оценувате процесот со оглед дека треба да се чека ?
Ќе чекаме што да правиме.
Граѓаните кои се обратија до нашата редакција се револтирани што поради оваа ситуација може да го промашат рокот за пријавување што истекува на крај од оваа недела.
Во ера кога се интензивираат дигиталните процеси пријавувањето за мерката самовработување се одвива вака. Со чекање на скали и низ ходници.
Бидејќи директорот на Центарот одби да де информации за ситуацијата, побаравме одговор од Агенцијата за вработување.
„Во врска со наводите за долгото чекање, начинот на организирање на редот, како и информациите за нарушување на јавниот ред, Агенцијата веднаш ќе направи проверка на сите околности.Доколку се утврдат пропусти во организацијата на процесот или постапување спротивно на утврдените процедури, ќе бидат преземени соодветни мерки. Доколку се потврдат наводите дека во организацијата на редот учествувале лица кои не се вработени во Центарот за вработување, тоа ќе биде предмет на дополнителна проверка и соодветно постапување“, рекоа од Агенцијата за вработување.
Мерките за самовработување овозможуваат неповратна финансиска поддршка од 5.000 до 10.000 евра за невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
Александар Самарџиев
