Еден празнува, друг не сака да разговара со новинари. Вака реагираа дел од сопствениците на фирмите на чие градилиште во Скопје се случи одрон, а од тоа беа поткопани темели на соседната зграда, тротоарот и улицата. Абдуљвехап Хусеини, кој е еден од сопствениците на „Про билдинг“ од Тетово, се правдаше дека денеска му е празник. Она на што, исто така, не сакаше да одговори е дека за него имало поднесено повеќе кривични пријави и тоа како раководител на сектор во Центарот за социјални грижи во Тетово. Раководи со сектор Права, а бил пријавен за Несовесно работење во службата. Се спогодил со обвинителството, а на државата и вратил 18.000 денари. Вработена во центарот го пријавила за мобинг, но суд пресудил во корист на Хусеини, па сега е на Апелација.
„Христо Смирненски“ е целосно затворен. И покрај тоа што за градилиштето имало забрана за работа издадена од Трудов инспекторат, во понеделникот, кога беше празничен ден, багеристот работел и го копал земјиштето кое за малку ќе го потрупало. Сопственици на фирмата се и браќата Трипун и Ванчо Крстевски. Ванчо исто така не сакаше да одговори на новинарски прашања.
Втората фирма која е инвеститор на зградата во Центар е „Палма Траде“ и таа е во сопственост на Љумиал Џеладини. Според податоците на „Бизнис мрежа“, минатата година оваа компанија имала добивка од 3,4 милиони евра и истата е зголемена за 94 отсто. Телефонскиот број кој е јавно достапен е непостоечки. На социјалните мрежи може да се најде како продава бела техника.
Изведувач на градежните работи е компанијата „Конструксиони-Инвест“ од Тетово во сопственост на Гани Идризи, а за надзор била одговорна компанијата „ХИГХ Конструксион Груп Гостивар“, во сопственост на Исмаил Беџети, која е со блокирана сметка и лани заработила околу 33.000 евра. По барање на Општина Центар, Градежниот факултет извршил увид во предметот и наложил итно да се врати просторот во првобитна состојба.
Инаку, од Општина Центар најавија дека ќе бараат да се одземе лиценцата на одговорните вклучени во изградбата и утврдување на одговорност од надзорот и изведувачот. Од центарот за социјални грижи во Тетово, пак, велат дека на Хусеини му е одземен потписот и против него има повеќе постапки.
Билјана Николовска Тодорова
