Њујорк се пласираше во своето прво финале во НБА-лигата уште од 1999 година, откако со максимални 4-0 го елиминираше Кливленд во финалето на Источната конференција.
Никс славеа со убедливи 130-93 на гостувањето кај Кавалирс и ја забележаа 11-тата победа по ред во плеј-офот. Њујорк со 4-0 претходно ја елиминираше и Филаделфија во полуфиналето на Истокот, а сезонава во разигрувањето загуби само два натпревари, и тоа од Атланта во првата рунда.
Карл-Ентони Таунс со 19 поени и 14 скока ги предводеше Никс, ОЏ Ануноби постигна 17, а Микал Бриџис и Џејлен Брансон имаа по 15 поени. Кај Кливленд најдобар беше Донован Мичел со 31 поен, Еван Мобли реализираше 15, а Џејмс Харден 12.
Њујорк во своето прво финале по 27 години го чека победникот од финалето на Западната конференција. Таму актуелниот бранител на трофејот Оклахома и Сан Антонио се израмнети 2-2. Петтиот натпревар се игра во среда рано наутро во 2:30 часот.
