Стариот и руиниран систем за наводнување, ладните ноќи, потоплите денови, климатските промени и оваа година се причините што сеидбата на кочанското „бело злато“ оди бавно и со проблеми.
Оризопроизводителите се и дополнително демотивирани од ниската откупна цена на оризовата арпа, која е од ланската реколта и треба да ја продадат, за да инвестираат во новата сеидба.
Голем дел од земјоделците не се задоволни со оваа сеидба, бидејќи реколтата од 2024 година и 2025 година им стои во магацините. Меѓутоа за жал нема што да прават, ако ги остават да не ги засејат, тие во наредниот период за наредната година ќе бидат мочуришта со трска и не можат па за наредната година да бидат за никаква употреба и мора да се обработат во најмала рака. Меѓутоа кога веќе го обработуваат, го фрлаат и семето. Така да површините ги засејуваме, вели Тони Максимов, производител и координатор за ориз во националната мрежа на земјоделци.
Кочанско поле во мај е живо, дел од него е заезерено, заради сеидбата на оризот, во друг дел од него земјоделците со тракторите ги доработуваат нивите за да ја пуштат водата во нив.
Екипата на Телма во полето ги затекна Љупчо Стојменов, од село Тракање, кој го фрлил семето во нивите на површини од шест хектари, а пак Здравко Арсов над селото Облешево сѐ уште чека да ја пуштат водата за да ги наполни нивите.
Стојменов е задоволен од водоснабдувачот и има среќа што до неговите ниви водата побрзо пристигнува, па сега со пумпата на рамото ги прска вадите за да не обраснат со трева.
Еве сега ги чистиме вадите што нѐ снабдуват со вода и преградите на оризите, кои што ја држат водата, ние ги викаме ѓолови, некои ги викат тирови, секој по својот дијалект, Оризари, Спанчево имаат различни имиња на тие површини, вели стојменов.
———————————————————————
Сеидбата доцни како и претходните години, овој регион конкретно до 25 мај нема да може да се посее. Ако погледнете тука, два хектари, водата тече во два хектари сигурно десет дена. Само два хектари, додека да излезе до долу ќе ни требат најмалку 20 дена. Што значи тоа? Дополнителна обработка на земјата уште двапати ќе треба. Тоа ќе значи уште по десет литри нафта на единица декар. Мислам дека ова веќе не е издржливо. Се договаравме овој дел да се одбие и од трета-пета каналетка да се пушти наваму, за да може да се посејат. Изгледа паметот не доаѓа на никој. Значи кој ќе насади, само ние тука. Овој регион Облешево, тука се нашите ниви. Значи ние сме најголеми страдалници тука со сеидбата, огорчено коментира Арсов.
Сеидбата на оризот задоцни и во пробиштипско село Пишица. Ацо Паризов, кој живее од производство на ориз и обработува една третина од нивите во атарот на Пишица.
„Имаме проблем со водата, не ни ја пуштат во доволни количини. Значи слаб притисок и во горното поле немаме вода, доцниме со сеидбата. Лани така доцневме и сега пак истото, ова како намерно нешто да ни прават, за да пропаднеме ние земјоделците. Ние се трудиме, работиме, но што да правиме без вода, тука нема работа. Сега е време за сеидба, они си играат играчки. Директорот од Свети Николе вика имаме требувано вода по два кубика во секунда за тука, а немаме ниту пола кубик и немаме доволно вода. Сега има доволно вода, ни кажаа на 17 април ние сме спремни да пуштиме вода, ни кажаа до 1 мај, немаше на 1 мај, па на 3 мај пукнал каналот. Значи они го прават каналот, не го направија цела зима. Го прават каналот кога треба да ни ја пуштат водата. Нека ни кажат „не ви даваме вода“ не треба ориз, нема да садиме, ќе одиме под социјално. Нема што да влегуваме само во загуба, лани 5.000 евра во загуба, сега пак 5.000 евра. Од кај да ги најдеме“, вели Паризов.
Земјоделците се задоволни што годинава барем каналите за наводнување се исчистени од трска, треви и ѓубре. Но, проблемот со искршените каналетки по кои пристигнува водата останува не решен. Потребни се инвестиции, за да не пропаѓа и понира водата по импровизираните земјени канали.
Инвестиција барем малку од малку да пуштат, еве погледнете, распаднат систем и мислам дека тука е најголемиот проблем. Јас не викам дека е виновен сегашниот директор или било кој. Тоа е 20 години и повеќе таложено. Значи распаднат систем. Луѓето правеа големи напори и ги исчистија оваа година, што е реално, колку можеа. Вината не е таму, значи треба инвестиција, требаат пари за да се обнови системот, смета оризопроизводителот Арсов.
———————————————————————
Луѓето се трудат, крпат секоја година, ама крпено е крпено. Сега ќе го закрпи, после недела падне и се одвива еве вака, по земјени вади. Значи тоа не е добро, прво и прво се губи водата и не можат да наводенат сите кога ќе имаат потреба, смета стојменов.
Годинава не е сушна, вода има во доволни количини, па на нивите во виничко, кочанско, пробиштипско и карбинско поле планирани се над 4.000 хектари под ориз. Земјоделците ќе имаат поскапа сеидба поради цената на вештачките ѓубрива, семенскиот материјал, како и на пестицидите и другите препарати, за кои отворено велат дека ги набавуваат по илегален пат.
Сеидбата оваа година ја започнавме многу тешко, бидејќи при самиот старт на самата сеидба се зголеми цената на нафтените деривати, а потоа се зголемија и цените на вештачките ѓубрива, за хемиските средства да не зборуваме, тие веќе ги нема во малопродажба во аптеките. Меѓутоа, се зголемија речиси за 100 % и нафтените деривати и вештачките ѓубрива. Така да министерот онаа мерка што ја кажа дека ќе бидат намалени, ние како земјоделци денеска, еве и денеска можете да видете низ сите аптеки три петнаесетка се продава околу 1.050 денари, уреата исто е некаде околу 1.100-1050 денари, која е фирмата. Таа цена пред да ја каже министерот дека ќе биде намалена, остана иста, која е причината не знаеме. Значи нема ништо од намалување на цените? Нема намалување, остана иста цена, замрзната, таа што беше со последното покачување и ако кажа министерот дека ќе има намалување на вештачките ѓубрива при увоз очигледно имаат начин кој да ја зголемат вредноста на фатурата. Така да ние како земјоделци сме повторно оштетени, добиваме вештачки ѓубрива по онаа цена што е највисока постигната од страна на овие трговците. Ѓубривата требаше да се намалат, имаше наводно некоја интервенција преку министерството, од сето тоа аптекарите не го почитуваат. Втора работа немаме семенски материјал оваа година, некои од Спанчево нудат семе преку институтот. Институтот не е семе производел, да се произведе семе треба десет години најмалку и сега се продава семенски материјал, како во институтот да е произведен. Тоа е меркантил, само лага и мислам тоа е грабеж на народот. Што значи за наредната година нема да има семе, ние ќе имаме само меркантил и приносите сигурно ќе бидат намалени од 20 до 30 посто, со сигурност го тврдам. Околу пестиците немаме ниту еден пестицид по аптеките. Тоа е кој како ќе се снајде и умее. Сѐ е илегално, тоа нема никаква сигурност, колку еден препарат ќе биде кавлитетен. Тоа сѐ е останато на Бога и ако не биде тоа се огромни трошпци, вели Максимов.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски на самиот старт на сеидбата на оризот, на 16 април годинава истакна дека оризопроизводителите никогаш не биле оставени сами на себе, покрај другите земјоделски култури. Според Трипуновски за македонското земјоделство значајно е да се внесе млада сила.
„На тој начин внесуваме луѓе кои имаат поинаков пристап во делот на земјоделството, во поглед на модернизација итн. Меѓутоа она што значи мотив за влез во земјоделскиот сектор, јас би го поделил сегментот во два дела. Првиот дел е ние им помагаме, како Влада, како министерство, во делот да имаат приоритет при секакво кофинансирање, распределба на земјиште, да имаат предност во добивањето на овие услови, кои што ги дава министерството. Вториот сегмент на кој што изминатите речиси две години сериозно се работеше во делот на рентабилноста во земјоделскиот сектор. Сметам дека тоа е клучот, за да се мотивираат младите луѓе да влезат во овој процес, бидејќи на овој начин ќе сфатат дека земјоделството не е некаква социјална гранка. Туку напротив е една благородна гранка, која што произведува храна за домашни, и нормално за извоз од нашите граници“, вели министерот Трипуновски.
Според податоците на Државниот завод за статитсика во 2024 година се регистрирани 506.586 хектари обработлива површина.
Кај обработливата површина намалување е забележано кај ораниците и бавчите за 2.0 % и кај лозјата за 1.7 %, а зголемување кај овоштарниците за 3.1 %.Во истиот период, регистрирано е зголемување на производството кај компирот за 9.0 % и кај краставиците за 3.6 %. Кај останатите култури поголемо намалување е забележано кај оризот за 6.9 %, сончогледот за 10.2 % и луцерката за 6.7 %. Во 2024 година во однос на 2023 година е забележано значително зголемување на производството кај сите овошја. Најголемо зголемување на производството е забележано кај јаболката за 59.1 % и кај црешите за 41.0 %, стои во извештајот на ДЗС.
Македонските оризопроизводители годишно произведуваат од 20.000 до 25.000 тони оризова арпа, зависно од тоа колкави се посеаните површини. Во моментов се посеани околу 80% од површините.
Со години најголем проблем на овие земјоделци е откупната цена и пласманот на нивниот род. Бараат од институциите заштита, и на производителите, и на граѓаните, бидејќи откупната цена на арпата е околу 20 денари, а во маркетите оризот се продава од 100 до 150 денари. Сметаат дека ќарот оди кај препродавачите.
Од друга страна, оризот стана и стратешка култура, па првите количини на ориз се откупени и за стоковите резервири. Со цел да им се помогне на земјоделците ресорниот министер пред неколку месеци најави дека подготвуваат и Стратегија за оризопроизводството, со што државата сака да ја одржи ова култура и препознатливиот бренд – кочански ориз.
