Менаџерот во националниот тим за ебола во Демократска Република Конго, Ричард Китенге, предупреди дека сомнителни случаи на ебола биле во контакт со останатите пациенти во општите болници во регионот, што дополнително го зголемило ризикот од ширење на заразата.
Говорејќи во градот Бунија, Китенге истакна дека приоритет на здравствените власти е идентификација и изолирање на сите сомнителни случаи.
„Првото што треба да го направиме е тријажа – да ги отстраниме сите сомнителни случаи од болниците, да ги сместиме во привремени изолациски центри, да земеме примероци и да ги анализираме. Оние кај кои ќе се потврди вирусот ќе бидат префрлени во центри за лекување, додека останатите ќе бидат следени како контакти“, изјави Китенге.
Една недела по официјалната потврда на епидемијата во покраината Итури, специјалните центри за третман на ебола, наменети за лекување пациенти во изолација, сè уште се празни.
Епидемијата беше потврдена дури минатата недела, откако примероците првично биле тестирани за заирскиот вид на вирусот ебола. Подоцна било утврдено дека станува збор за многу пореткиот вирус Бундибугио. Додека бил откриен вистинскиот причинител, десетици луѓе веќе починале.
Според последните податоци, регистрирани се речиси 750 сомнителни случаи и 177 сомнителни смртни случаи. Сепак, Светската здравствена организација и Африканските центри за контрола и превенција на болести предупредуваат дека вистинскиот број на заразени е веројатно значително поголем.
Контролирањето на епидемијата дополнително е отежнато, бидејќи не постои вакцина против вирусот Бундибугио. Здравствените власти се соочуваат и со отпор од локалното население, особено поради традиционалните погребни обичаи кои подразбираат допирање на телото на починатиот – практика строго забранета за време на епидемија на ебола.
Претходно, центар за лекување на ебола во Рвампара бил запален од група млади луѓе, револтирани откако им било забрането да го преземат телото на нивен пријател, кој наводно починал од ебола пренесува тамошната полиција. Медицинските експерти предупредуваат дека телата на жртвите од ебола можат да бидат исклучително заразни.
„Кога настапува смрт, вирусот повторно се активира и останува на површината на телото. Тоа значи дека сè што ќе дојде во контакт со телото станува контаминирано“, објасни Китенге.
Тој нагласи дека, за да се заштити населението, контактот со телата на починатите е строго забранет и дозволен само за специјално обучен медицински персонал. Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус оцени дека епидемијата се шири со голема брзина и веќе претставува „многу висок“ ризик на национално ниво.
