Да не ја пропуштиме шансата за ЕУ и да се обединиме околу најважното прашање – лидерот на СДСМ со овие зборови подаде рака за соработка со власта. Уставните измени се прашање кое треба да биде плод на консензус смета Филипче и директно се обрати до премиерот Мицкоски: да ја споделат одговорноста. Македонија не смее да остане изолирана затоа што ризикува да се доведе во поголема неизвесност, во полоша економска состојба и со иселена младина, сметаат социјалдемократите.
„Апелирам до премиерот Христијан Мицкоски, заеднички да ја преземеме и да ја споделуваме одговорноста за спроведување на уставните измени и понатаму за текот на преговорите и за било каков предизвик со којшто ќе се соочиме. Ќе седиме заедно на маса сите политички чинители затоа што тоа е единствениот пат за напредок на земјата. Не постои ризик по ниту една идентитетска одредница. Апелирам да му каже на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека ќе го направиме следниот чекор и ќе ги направиме уставните измени“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Во партиските табори во изминатиот период, темата за евроинтеграцијата на земјата, уставните измени и реформската агенда се „жежок костен“. Обвинувања и контраобвинувања, постигнувања и блокади – овие прашања се дел од наративот на партиите. Од власта се на став дека Македонија напредува и европските институции го нотираат тоа. Премиерот Мицкоски е дециден дека земјата доби најмногу пари од ЕУ во рамки на Планот за раст на Западен Балкан. Oд СДСМ, пак, велат дека Владата се фали со пари кои ги добиваат сите кандидати на Балканот освен Србија, но не кажува колку пари загубивме.
„Сега следи јунскиот извештај на крај од јуни, имаме интензивна комуникација со господинот Герт Јан Копман, работиме сите портфолија во рамките на Владата. И очекувам оваа позиција да ја потврдиме и сега после јунскиот извештај и овие 30-31 милион евра коишто се директна буџетска поддршка, на крајот од годината да се приближиме до бројката 100 милиони. И затоа имам лоша вест за овие глодари коишто сѐ би дале за оваа Влада да не успее и Македонија да не успее, ќе мора да ги гледате успесите на Владата уште долго време, а наскоро и само пред малите екрани бидејќи ќе бидете политичко минато“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Македонија има рок до јуни да ги исполни реформи поврзани со Планот за раст на ЕУ, за да обезбеди пристап до финансиски средства. Фокусот е на ресори како правосудството, енергетиката, образованието и јавната администрација. Но, клучниот услов е отворање на Уставот и внесување на малцинствата, без тоа нема продолжување на патот кон ЕУ.
Петар Догов
