Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката Пулс во кој настрадаа 63 млади лица а над 200 беа повредени. На претходното рочиште беа прочитани искази на сведоци и беа презентирани видео-снимки со вознемирувачка содржина.
Сведочењето на Ана Томева, кое беше прочитано поради нејзината психичка состојба, откри сериозни наводи за незаконско работење, непријавени вработени и недостаток на основни безбедносни мерки во објектот.
Според нејзиниот исказ, сопственикот Дејан Јованов – Деко наводно имал заштита од лица во полицијата и инспекциските служби, а при најавени контроли вработените биле принудувани да се претставуваат како гости.
Томева сведочеше дека во дискотеката немало никаква обука за противпожарна заштита, ниту пак вработените знаеле каде се наоѓаат противпожарните апарати. Сведочеше и Лина Крстева, која била присутна вечерта кога избил пожарот. Таа изјави дека немало лица кои ги насочувале или им помагале на присутните при евакуацијата и дека видела полицаец кој, според неа, „само стоел и не помагал“. На рочиштето беа презентирани и материјални докази, меѓу кои и видео-снимки од пожарот што предизвикаа силни реакции во судницата.
