Европската комисија стави на располагање 65,7 милиони евра за државата во рамки на Инструментот за реформи и раст, соопшти министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, што според него е највисок износ во регионот.
Средствата се одобрени по позитивна оценка за спроведените реформски чекори, особено во делот на образованието и дигитализацијата. Од вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе одат директно во државниот буџет, а останатите средства ќе бидат наменети за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Со ова, вкупно доделените средства за Македонија преку овој план досега изнесуваат 142 милиони евра.
Македонија во рамки на Планот за раст очекуваше, односно можеше да добие околу 220 милиони евра, но дел од нив, поради недоволен степен на исполнетост на реформите, засега остануваат неискористени.
