Без ексхумација на смртните останки на починатиот сопруг Мартин, Емилија во солзи раскажува за глетката која ја доживеала кога отишла на гробиштата во Камник и видела дека гробното место е преместено, а за тоа никој не ја известил ниту побарал согласност од неа. Повторно е потресена и шокирана, бидејќи по вторпат ја преживува семејната трагедија.
„Вчера кога стигнавме на гробот на мојот покоен сопруг во 18:00 часот затекнавме тотална промена на гробното место, односно не се извадени погребните остатки од мојот сопруг, туку е бетонирано врз гробот заради тоа што е извадено ново гробно место од три гроба што беа едно до друго. Значи мојот сопруг и уште двајца други. А сега е мојот сопруг, па празно место, па тие други два гроба, телото односно сандакот на сопругот се наоѓа под бетонот, а не под местото каде што е назначено дека се наоѓа“, изјави Емилија Joрданова-Цветковска, сопруга на починатиот.
Веднаш се јавила во АД Бутел каде и било речено дека до понеделник нема со кого да разговара. Пријавила и во полиција заедно со уште три семејства, бидејќи гробовите на нивните блиски се преместени. Емилија е невработена, самохрана мајка на четири годишно дете и вдовица од јануари, кога нејзиниот млад сопруг починал од онколошка болест. За да дозволат погреб, истиот ден, вели, морала да потпише дека ќе плати 282 илјади денари, од кои 12 илјади за гробното место. За останатите пари, АД Бутел требало да бетонира околу гробот и да направи споменик во рок од 90 дена.
„Уште денес ќе се обиделе да направат вадење на бетонот, односно треба повторно го кршат бетонот и да газат врз остатоците на нашите најмили со цел за да ги вратат на местото каде што биле. Затоа што ова се ексклузивни гробни места. Тоа е добиено како информација од АД Бутел. Во моментот кога го купувавме гробното место имавме опција да го купиме гробното место исклучиво доколку потпишеме договор за споменик кој кошта минимум 270,000 денари. Тоа го направивме. Значи ние во моментот на смртта вие сте должни да платите 282,000 денари за да добиете гробно место. Сега има одговорно лице овде, што кога ве видоа отидоа надоле така да не знам дали ќе сакаат да зборуваат“, објаснува Емилија.
Го исконтактиравме надлежниот за информации од јавен карактер во АД Бутел кој ни кажаа дека се свесни за проблемот настанат при градежните активности, и дека за пропустот како што велат тие ќе бараат решение од понеделник. Инаку за планирање и доделување на гробни места е задолжена службата за парцeлизација и планирање во самото претпријатие, која не ја забележавме кога стигнавме на гробиштата денес.
Самиот чин на преместување на гробно место без дозвола од семејството врши повреда на повеќе права, како правото на пиетет и достоинство на починатото лице, правото на семејството да располага со посмртните останки, а ги крши и верските и културните права.
Преместувањето на гробното место и негово бетонирање, без спроведена ексхумација, без соодветна документација и без согласност од семејството, е наведено и во Кривичниот законик. Станува збор за кривично дело „повреда на гроб или смртни останки“, а доколку, пак, се утврди вмешаност на службени лица, се отвора и прашањето за можна злоупотреба на службената должност.
Теа Димковска
