Нов скандал во образованието, а според најавите уште поголем од овој што веќе ја крена јавноста на нозе. Министерката за образование Весна Јаневска вели дека наскоро ќе излезе на виделина „покрупна неправилност“ што ќе ја шокира целата држава, но детали засега не открива.
Се почна со случајот на Филозофски факултет, каде студенти по дефектологија останаа заглавени меѓу системот и правилата.
Институциите најдоа пропусти, а студентите велат не сме виновни, само ги следевме упатствата од факултетот. Министерката вели дека жали за нивната ситуација, но додава дека требало подобро да се информираат пред да се запишат.
Извештајот веќе е кај надлежните, а од понеделник се очекуваат конкретни одлуки.
- Многу набрзо ќе чуете уште многу покрупна неправилност од оваа која ќе ја изненади целата македонска јавност. Она за што јас кажувам, многу неправилности во одредени институции, не во сите институции и за нив ќе се постапува по закон. Вината дали била крива администрацијата, дали било криво раководството, дали некои студенти учествувале во таквите дејствија ќе ги утврдат соодветните органи- министерката Јаневска.
Ректорката на УКИМ не сакаше да го коментира случајот додека трае постапката и најави дека ќе излезе со став по нејзино завршување. Според Билјана Ангелова, дел од состојбата е наследена од претходното раководство.
Иако претходно беа посочени и случаи на студенти запишани на магистерски и докторски студии во последните две години во нејзин мандат, Ангелова вели дека сите ќе бидат повторно разгледани.
- Кај тие студенти што се запишале, морам да го видам извештајот да не манипулираме сега со податоци за пооделни студенти, повторно ќе се испита и нивната состојба и тие се дел на оваа анализа и ќе гледаме значи во иднина да го премостиме ова. Веројатно ќе се акредитираат и нови студиски програми, ќе се презапишат ако е потребно, но законската регулатива мора да биде исполнета. Она што е завршено согласно претходните студиски програми, тоа биле стручни студии, не можат да продолжат во понатамошната едукација на академски студии- Билјана Ангелова ректорка на УКИМ.
Во меѓувреме, наместо најавената јавна дебата за кандидатите за ректор на УКИМ, се одржа самопрезентација, откако актуелната ректорка не присуствуваше на настанот. Ангелова објасни дека била на претходно закажана конференција во Охрид.
- Инаку нашето претставување по сите единици на целата академска заедница беше во текот на овој изборен период направен согласно роковникот и правилникот за работа на универзитетската изборна комисија на сите единици на универзитетот. Ако ме повикаат во рамките на факултетите, да секако ќе присуствувам, останува уште понеделник и во вторник ќе биде и денот на гласање- Билјана Ангелова ректорка на УКИМ.
Во трката за ректор е и професорот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, кој ја темели својата програма на транспарентност, отчетност, дигитализација и поголема интеграција меѓу факултетите.
Дел од академската јавност предупредува дека случајот со Филозофскиот факултет може да фрли сенка врз изборниот процес за нов ректор на УКИМ.
Симона Петровска
Б.С.
