Претседателката на Синдикатот на културните работници (СКРМ), Вера Атанасовска, во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на Телма телевизија, остро одговори на неодамнешните изјави на премиерот во врска со протестите на културните работници и колективниот договор.
Атанасовска истакна дека премиерот е „лошо брифиран“ за состојбите во културата, особено во делот на потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор.
Таа посочи дека културните работници го изразиле својот револт на протестите бидејќи се соочуваат со загрозување на нивните загарантирани работнички права.
Одговарајќи на коментарите на премиерот дека протестите биле „вулгарни и агресивни“, Атанасовска објасни дека таквата реакција е природен одговор на уметниците кога се соочуваат со обиди за кратење на нивните плати.
- „Кога на еден работник му се кратат неговите работнички права, а особено платата, начинот на кој го изразуваме нашиот револт можеби е со повеќе емоција бидејќи сме уметници. Но, нема ништо вулгарно или агресивно во тоа да си ги барате своите права. Повулгарно и понесоодветно е кога извршната власт, наместо да го поттикнува колективното договарање, се обидува да го уништи,“ изјави Атанасовска.
Претседателката на СКРМ се осврна и на постапката пред Уставниот суд во врска со законитоста на колективниот договор во културата. Таа нагласи дека во текот на потпишувањето биле запазени сите законски процедури и дека за тоа постојат докази.
- „На седницата на Уставниот суд можевме јасно да слушнеме дека се прибавени докази и од Министерството за финансии и согласност од Владата за потпишување на тој колективен договор, како и регистрација во тогашното Министерство за труд и социјална политика. Во таа процедура ништо не е прекршено,“ потенцираше таа.
Според Атанасовска, прашањето за уставноста на договорот се третира во други членови, а не во делот на согласноста од Министерството за финансии, како што се обидува да се прикаже во јавноста.
Културните работници остануваат на ставот дека колективниот договор е легитимен и дека ќе продолжат да се борат против секој обид за негово поништување или ревидирање на штета на вработените во овој сектор.
Б.С.
