Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Место тоа, Владата доби уште 5 години за да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита. Со тоа УНЕСКО повторно ѝ даде шанса на Македонија. Но ова не е победа. Ова е веројатно последната опомена, стои во денешното соопштение од Левица.
Од партијата велат дека наместо оваа одлука да биде причина за славење, таа треба да биде причина за срам.
- Со години добиваме нови рокови, нови препораки и нови предупредувања, а проблемите остануваат исти. Денес зборуваме за 4.847 дивоградби во Охридскиот Регион, бројка која сама по себе покажува дека институциите со години ги пикаат работите под тепих и не ја вршат својата работа. Најдобар доказ за тоа е што од 2019 до 2024 година биле издадени 456 конечни и извршни решенија за уривање, а ниту едно не било спроведено, соопшти Левица.
Охрид не смее да стане пример како се троши меѓународниот кредибилитет на една држава, а статусот на светско наследство не е вечен. Тој се заслужува со одговорно управување, кое очигледно го нема!
