Синдикатот за култура на Македонија по Велигденските празници излегува на протест, а се подготвува и за генерален штрајк во мај. Од таму велат, целта на протестот е да изразат револт од започнатата постапка на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и поради пресметките на платите на уметниците и културните работници , кои што со зголемувањето на минималната плата во март, како што рече претседателката на СКРМ, се оштетени за 6%.
Целта на протестот е да се изрази незадоволството на културните работници од сето ова што се случува изминативе 2 години. Значи, вклучувајќи го и ова со Уставниот суд и Колективниот договор, меѓутоа и со начинот за пресметката на платите во културата, затоа што знаете, лани беа оштетени културните работници за околу 3%. А, оваа година со покачувањето на минималната плата и тој процент на оштетување е зголемен. Така што изнесува некаде околу 6%, кажа Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура на Македонија.
СКРМ ја продолжува борбата, како што вели претседателката Атанасовска, за докажување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура. Откако Уставниот суд ја започна постапката за оценување на уставноста на договорот, што според Атанасовска е чудно зашто веќе двапати документот бил пред скоро истите судии и во двата случаи не било донесено негативно мислење за него, од Синдикатот во дослух со нивните адвокати, најавуваат повеќе чекори.
Ќе ја искористиме целата законска можност што ни е дадена. Ќе поднесеме наши докази , образложенија до Уставниот суд. Ќе побараме, доколку постои можност и на седница да бидеме присутни. Да учествуваме во расправата за Колективниот договор. Значи, сѐ со цел, на некој начин да го одбраниме Колективниот договор и да докажеме дека тој е согласно закон и согласно Устав, рече Атанасовска од СКРМ.
Според Атанасовска, дошле до записник од Владата, од декември минатата година, во кој што е нотирана дискусија за иницијативата за оценување на уставноста на Колективниот договор, поврзана со 800 тужби што вработените во културата ги поднесоа за ланските пресметки на платите. Во записникот се спомнати и финансиските импликации што би настанале од тие тужби. Со тоа се доведени во прашање судбината, работничките права и достоинството на 2300 вработени во институциите од културата во Македонија, дополнува претседателката на Синдикатот за култура.
Министерот за култура и туризам , Зоран Љутков, во телефонски разговор за Телма, кажа дека ресорното министерство во декември по трет пат дало позитивна оценка за Колективниот договор за култура.
Во извештајот кажавме дека Колектвниот договор за култура е со изминат рок и дека не соодветствува со реалните потреби и дека треба да работиме на потпишување нов. Уставниот суд остава простор СКРМ, СОНК и Министерството за култура и туризам да работат на нов Колективен договор. Ги повикувам двата синдикати , да седнеме , да работиме на нов Колективен договор, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
А, за годинашната пресметка на платите во културата, министерот рече дека е истата според упатството донесено лани. Со таа пресметка, платите на вработените во Културата се зголемени за 12%, дополни министерот Љутков.
Сотир Трајков
