Обвинителството убедува. Трите предмети за полициските службеници, поврзани со трагедијата во Кочани, нема да стагнираат. Итно ќе се доделат на друг обвинител кој ќе ја продолжи работата на Ивана Алексова Трајчева која ги водеше истрагите, а кои, конечно, влегоа во судница. Ова доаѓа откако вчера Советот на јавни обвинители не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Засега од обвинителството не размислуваат овие предмети да ѝ ги остават во работа на Трајчева, без разлика што таа нема да биде дел од обвинителството за организиран криминал, пракса што не е непозната досега.
Телма разговараше и со обвинителката Ивана Алексова Трајчева која не сака да ја коментира одлуката на Советот.
„Не можам да коментирам одлука за која што не сум слушнала образложение зошто е донесена. Со оглед на така донесената одлука, не гледам зошто би ми биле оставени овие предмети мене“, одговори обвинителката Ивана Алексова Трајчева.
Вчера Советот на јавни обвинители гласаше против продолжување на мандатот на Ивана Алексова Трајчева во Организиран криминал. За пет испразнети места изгласа четворица обвинители. Меѓу оние кои гласаа против неа беше и новоназначениот државен обвинител Ненад Савески. Тој убедуваше дека сите предмети итно ќе добијат обвинители и нема да се одложат.
На крајот на јануари беа поднесени три различни обвиненија против 23-ца полициски службеници, поврзани со незаконитости во работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тринаесет од нив се товарат за најтешкото дело „Тешки дела против општата сигурност“. За злоупотреба на службена положба е поднесено против девет полицајци кои дале согласност за дискотеката „Пулс“ да ги добие лиценците за работа во 2022 и во 2023 година.
А злоупотреба на службената должност по скратена постапка се обвинети уште тројца полицајци кои во 2024 година, поради присуство на малолетници, поднесувале прекршочни пријави против неактивна фирма на газдата на „Пулс“.
Последниот предмет е веќе при крај, но се одложи последното рочиште токму поради обвинителството и изборот на нови обвинители, додека за 1 април е закажан стартот на судењето против 13-мина полицајци. Сите истраги и обвиненијата ги работеше обвинителката Трајчева, па сега се очекува информацијата за тоа кој ќе биде новиот обвинител кој ќе ги застапува предметите пред суд.
Билјана Николовска Тодорова
