Полициски службеници во координација со Основното јавно обвинителство во текот на вчерашниот ден извршиле претреси во дом на Н.С. од Скопје и во детска градинка во која работел по претходна пријава за „фалсификување на службена исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, кривични дела по членовите 361, односно 380 од Кривичниот законик, соопшти министерството за внатрешни работи (МВР).
Детали за акцијата не се откриваат, како ниту за локации на претресите, а по документирање на случајот од МВР соопштуваат дека ќе биде поднесена соодветна пријава. Телма, од извори на истрагата, неофицијално дознава дека се работи за фалсификувана диплома.
„Полициски службеници од СВР Скопје на 24.3.2026 година, постапувајќи по пријава за сторени кривични дела по чл. 361 од КЗ – фалсификување на службена исправа и чл. 380 од КЗ – употреба на исправа со невистинита содржина, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје и по обезбедени наредби од Основен кривичен суд Скопје, извршија претреси во дом на Н.С. во Скопје и во простории на детска градинка, каде работи Н.С. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.
Со реакција се огласи и Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) која бара целосно расчистување на случајот и одговорност.
„Фактот дека раководител на јавна установа за деца (градинка) е вклучен во оваа постапка, сам по себе е загрижувачки и отвора сериозни прашања за функционирањето на институциите на локално ниво. Сепак, според медиумските извештаи и објавените информации, во овој случај како клучна фигура се споменува и лицето со иницијали Б.Х., познат како близок соработник на градоначалникот на Општина Чаир, како и функционер во една јавна универзитетска институција“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
С.Д.
