Извршниот одбор на НБРМ на денешната редовна седница за поставеноста на монетарната политика на оваа институција, одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4 проценти.
„Одлуката за монетарната политика се носи во услови на исклучително зголемена светска неизвесност и непредвидливост, предизвикана од неодамнешното избувнување на воениот конфликт на Блискиот Исток. Првичните ефекти се видливи преку нарушувањето на снабдувањето со нафта во светот и растот на цените на енергенсите. Севкупните ефекти врз светската економија се условени од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток “ – се вели во соопштението на НБРМ.
Според Народната Банка, во домашната економија, инфлацијата и натаму забавува во согласност со очекувањата, а годишната стапка на инфлација се свела на 2,9% во февруари, но истовремено се предупредува дека наспроти досегашниот поволен тренд кај домашната инфлација, ризиците околу нејзината идна динамика се зголемени, заради последните воени случувања и прекините во снабдувањето со енергенси од земјите од Заливот.
Истовремено Народната банка подвлекува дека го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици
