Вести Економија Македонија Најважни

(живо) Владата го намали ДДВ-то за горивата од 18% на 10% – за опозицијата мерката е недоволна и задоцнета

Владата во Скопје го намали ДДВ за нафтените деривати за 8 процентни поени, со што утрешното поскапување нема да е превисоко, вели премиерот Мицкоски.

За опозицијата мерката е задоцнета и недоволна.

За вестите на Телма известува Мирјана Јовеска

 

Од утре се намалува ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто. Ова е мерката што Владата ја донесе на денешната вонредна седница, а чија цел е да се превенира ценовен шок и да се заштити стандардот на граѓаните.

Ваквата одлука се носи по точно три недели откако почна војната на Блискиот Исток, што предизвика сериозни турбуленции на енергетскиот пазар поради проблемите со снабдувањето со нафта.

За тој кус период цената на нафтата се зголеми за 60 отсто, а тоа значително се одрази првенствено на горивата, а веќе се пресликува и на цената на останатите производи.

„Според пресметките и анализите утре цената би требало да се зголеми за 6,5 денари на бензините и за 10 на дизелот. Со ова заштедуваме околу 200.000 евра на ден или милион и пол неделно според потрошувачката“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Корекцијата на ДДВ-то е најбрз начин да се реагира за да се спречи ценовен удар, а засега според  премиерот нема потреба од интервенција во делот на акцизите бидејќи таа давачка била една од најниските во Европа и според тоа нема да има голем ефект врз крајната цена што ја плаќаат потрошувачите. Иако светот стравува од физички недостиг на нафта, Мицкоски смирува дека засега нема никаков проблем со снабдувањето.

„Во моментов нема апсолутно никаков проблем со снабдувањето но секако постојат ризици. Имаме доволни количини резерви за 60 дена“ – вели Мицкоски.

Инаку, тоа што цените на горивата во земјава се пониски отколку во поголемиот дел од соседството доведе до тоа странци да точат бензин кај нас, со што вкупната потрошувачка на гориво се зголемила за девет отсто.

Премиерот уверува дека ситуацијата е стабилна и во однос на електроенергетскиот систем и во однос на снабдувањето со гас до крајот на грејната сезона.

Единствен проблем може да претставува цената на мазутот, за што државата ја разгледува можноста да интервенира со резервите со цел да не се зголеми цената на струјата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Масовна тепачка на патници во авион за Ливерпул – капетанот бил принуден да се врати на Тенерифе

Sasko Dimovski

Хиперхлорирање на системот и тројно тестирање на водата во Гостивар, наложи Управувачкиот комитет

Sasko Dimovski

Среќа е што нема жртви во невремето – експертите апелираат да запрат импровизациите во градењето и да се проверат многу конструкции

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе