Управниот совет на Европската централна банка, денеска одлучи да ги задржи непроменети трите клучни каматни стапки на ЕЦБ.
Претседателката на банката, Кристин Лагард, на денешната прес-конференција изјави дека оваа институција е цврсто решена да обезбеди дека инфлацијата на среден рок ќе се стабилизира на 2%.
„Војната на Блискиот Исток значително ја зголеми неизвесноста во изгледите, создавајќи нагорни ризици за инфлацијата и надолни ризици за економскиот раст. Таа ќе има значително влијание врз инфлацијата на краток рок преку повисоките цени на енергијата. Нејзините среднорочни импликации ќе зависат и од интензитетот и траењето на конфликтот, како и од тоа како цените на енергијата ќе влијаат врз потрошувачките цени и економијата“– изјави Лагард.
Според неа, новите проекции на стручните служби на ЕЦБ, во основното сценарио предвидуваат дека вкупната инфлација се очекува да изнесува просечно 2,6% во 2026 година, 2,0% во 2027 година и 2,1% во 2028 година, поради повисоките цени на енергијата како резултат на војната на Блискиот Исток.
Истовремено, за економскиот раст се предвидува надолна ревизија, особено за оваа година, за која се предвидува просечен раст од 0,9%.
Во наредната година, растот се предидува да изнесува 1,3% и 1,4% во 2028 година.
Европската централна банка анализираше и како војната на Блискиот Исток би влијаела врз економскиот раст и инфлацијата во алтернативни сценарија.
„Анализата покажува дека продолжено нарушување во снабдувањето со нафта и гас би довело до повисока инфлација и понизок раст од основното сценарио“ – изјави Лагард.
ЕЦБ соопшти дека одлуките за каматните стапки ќе се темелат на проценката на изгледите за инфлацијата и ризиците поврзани со неа, земајќи ги предвид новите економски и финансиски податоци, како и динамиката на основната инфлација и ефективноста на преносот на монетарната политика. Управниот совет не се обврзува однапред на одредена патека на каматните стапки.
