Вести Македонија Топ вести

Судот стави точка, партиите отворија дебата, еден ден откако „Сејф сити“ го помина тестот на Уставен

„Сејф сити“ вчера го помина тестот на Уставен, но наместо точка на спорот, одлуката на судиите стави запирка, па дебатата се пресели на политичкиот терен. Прашањето за употребата на албанскиот јазик ги соочи партиите со правниот систем.

Различни страни се обидуваат да ја наметнат својата интерпретација на темата, а во критиките кон Уставниот суд обединети се и власта и опозицијата од албанскиот блок партии.

Владиниот коалициски партнер Вреди остро и со епитети ја прозва институцијата – чувар на уставниот поредок. Од Вреди порачуваат дека ќе ги искористат сите правни и институционални средства кои им се на располагање.

„Пред сè како луѓе, а после и како партија, не можеме да избегаме од впечатокот дека овој состав на Уставниот Суд повеќе наликува на југословенска политичка елита, отколку на највисока судска инстанца. Кога државата го известува, предупредува или санкционира граѓанинот преку системот „Сејф сити“, таа има обврска тоа да го прави и на албански јазик. Ова не е прашање на политичка волја, туку уставна обврска и почитување на едно темелно право“, се вели во соопштението на Вреди. 

Од друга страна, опозициската ДУИ со критики и кон претседателот на Уставен, но и до политичките опоненти од Вреди. Интегративците уште вчера побараа итна оставка од претседателот Костадиновски и неговите изјави ги оценија како скандалозни и неприфатливи. Го осудија за дискриминација и порачаа дека според нив, институцијата е претворена во политичка алатка за поткопување на достигнувањата од Охридскиот рамковен договор.

Денеска од ДУИ прстот го вперија и во владиниот коалициски партнер од албанскиот блок.

„Кога во Владата имате слабо, заробено и потчинето претставување како ВЛЕН, тогаш антиалбанските сили се чувствуваат охрабрени и зајакнати. Последните изјави на претседателот на Уставниот суд не е изолиран инцидент, туку директна последица на политичката клима што е создадена во државата. ДУИ ќе продолжи да реагира и политички да дејствува за заштита на еднаквоста, Охридскиот рамковен договор и мултиетничкиот карактер на државата“, се вели во соопштението на Демократската унија за интеграција. 

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во вчерашната дебата меѓудругото порача дека системот „Сејф сити“ е скроен како што треба, а оспорувањето на одредби од Законот за прекршоци е неосновано.

„Проектот „Сејф сити“ е така проектиран да препознае возило. Го препознава возилото и регистарскиот број на возилото, тој не препознава јазик. Возилото нема јазик“, кажа претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, при вчерашната дебата. 

Уставниот суд вчера ги отфрли сите иницијативи со кои се оспоруваа делови од Законот за прекршоци, во кој е регулирано функционирањето на системот „Сејф сити“.

Станува збор за известувањата и употребата на јазиците, обврската на граѓаните да поседуваат мобилен телефон и електронска адреса, како и примената на системот само во одредени градови, а не на целата територија на државата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судири меѓу демонстранти и полицијата пред парламентот во Тирана – приведени неколку лица

Sasko Dimovski

Нема меѓуинституционални договори за стационирање на артефакти во услови на кризи

Дејан Дејан

(Видео) Гужви на преминот Богородица, поради штрајкот на царинските служби

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе