Вести Македонија Топ вести

Анкета меѓу докторите: Над 70% биле изложени на насилство, се воведува копче за паника

Над 70% од докторите во земјава, согласно анонимната анкета, пријавиле дека биле изложени на некаков вид на насилство, 80% од нив биле изложени на вербално насилство, додека 6,8% доживеале физичко насилство. Речиси 70% од нападите воопшто не се пријавени. Министерство за здравство и понатаму ќе се залага за зајакнување на правата и заштитата на лекарите, воведување на побрзи судски постапки кога се работи за медицински лица, рече Алиу. Се воведува и копче за паника.

„Не е пријатно, не е воопшто пријатно да се оди на работа под страв. Да бидеш уплашен дали некој од некаква причина ќе биде непријатен во своите барања кон тебе, било вербално, било физички. Нашиот здравствен систем не е идеален и тоа сите го знаеме, но тоа не е причина некој да ме нападне, некој да ме тепа или да вика на мене“, рече проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарска комора на РСМ.

Со овие зборови, таа уште еднаш апелираше да се подигне свеста за насилство врз докторите и здравствените работници.

„Дали треба да стравуваме за сопствениот живот, додека спасуваме нечиј живот“, прашува Гривчева Старделова.

Минатата година имало само три пријави и покрај тоа што според анкетата, над 70 % од докторите биле изложени на некаков вид насилство. Дополнителен проблем се бавните процедури за нивно санкционирање, за што сведочи и самата кога пред неколку години пријавила ваков тип на насилство.

„Го пријавив кај двајцата директори, го пријавив во Министерство за здравство, го пријавив во МВР. Нас ни е по редот на нештата полициска Беко. Проверив кога бевме на средба со Јавното обвинителство, нас никој не нè повика со години, дали мислите дека нареден пат некој би пријавил“, истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова.

Стресот од ваквите напади на работното место влијае и на здравјето на лекарите.

„Колеги дошле, па морале да примаат терапија и тоа потешка терапија од некои мои пациенти на кои сум им дал“, вели проф. д-р Кадри Хаџихамза од универзитетската клиника за психијатрија.

За министерот Алиу важно е што успешно се имплементираат измените на Кривичниот закон со кој насилството врз здравствените работници на работното место ќе се смета за насилство врз службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор. Министерството и натаму ќе се залага за зајакнување на правата и заштитата на лекарите, воведување на побрзи судски постапки кога се работи за медицински лица, рече Алиу.

„Исто така воведување на паник копче за лекарите и медицинските сестри, сè со цел да се пријави во реално време, национален протокол за управување со таков тип на инциденти кога се работи за здравствениот систем. Исто така, Национална кампања за почитување на здравствените работници“, рече Азир Алиу, министер за здравство.

Најголем број на пријави се однесуваат за напади на медицински лица во Ургентниот центар и во Брза помош. За доктор Хаџихамза, медицинските лица многупати се во дилема дали воопшто да пријават вакво насилство, дури и кога тоа е на нивна штета, затоа што не е целта некој да заврши во затвор, но тоа во ниту еден случај не треба да биде злоупотребено.

Нина Стефанова

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварци може да се бањаат, не може да ја пијат водата

Sasko Dimovski

Возејќи рикверц бил ненамерно прегазен од чичко му – 27-годишен тетовец се здобил со тешки телесни повреди

Sasko Dimovski

Сончево со мала до умерена локална облачност – Временска прогноза за 28.7.2026

meteo

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе