Патријархатот се уште триумфира над родовата еднаквост. Тоа го покажува и истражувањето на Регионалниот совет за соработка според кое во државите од Западен Балкан, жените се за 20 проценти помалку вработени отколку мажите. Според истражувањето, нешто под 55 проценти од женската популација е активна на пазарот на трудот, што е значително помалку во споредба со Европската Унија каде просекот е 70%.
- „Податоците кои ги споделуваме во суштина зборуваат за нешто кое во академската сфера го нарекуваме женска сиромаштија и никако не е табу тема посебно и во круговите на нас кои работиме на терен со жените. Фактот дека поголем број девојки завршуваат високо образование и поле дипломски студии, наспроти фактот дека поголем број од жените после завршувањето на високото образование не се вработени ниту според своите дипломи, а и малата излезност на жените на пазарот на трудот ни зборуваат дека ова општество се уште многу цврсто се темели на столбови на патријархално уредено општество кое со векови наназад било уредувано од страна на мажите на кои јавната сфера им е многу достапна’’ – Дороти Пачкова активистка.
Дополнително, истражувањето покажува дека состојбата на младите жени е уште полоша. Од нив, само 18 проценти се работно ангажирани. Исто така, жените, освен што се помалку застапени на пазарот на трудот, оние кои работат имаат пониски примања од мажите, до 12 проценти помалку. Според анализата на Програмата за развој на Обединетите нации и Регионалниот совет за соработка, жените добиваат и за 40 отсто пониски пензии за разлика од мажите заради години со пониски плати, прекини во кариерата и неформална работа.
- Регионален совет за соработка: ,,Жените и понатаму го носат најголемиот дел од неплатената грижа и домашните обврски. Ограничениот пристап до достапни услуги за грижа за деца и долгорочна грижа останува клучна пречка за полно работно време’’
8 Март е меѓународен ден посветен на борбата за правата на жените и родовата еднаквост. Официјално е признат во 1975 година, а потекнува од протестите на работничките на почетокот на 20 век, кои барале подобри услови за работа, пократко работно време и право на глас. Денес се одбележува со цвеќиња и маршеви, но предизвиците и понатаму постојат.
Софија Бислимоски
Б.С.
