Војната на Блискиот Исток претставува нов стрес тест за берзите и глобалната економија. Финансиските пазари реагираат прво емотивно, а потоа рационално, па оттука, очекуван е првичниот пад. Сепак, инвеститорите различно реагираат во време на кризи.
Експертите велат дека веќе не станува збор за тоа дали светската економија ќе се соочи со последици од новата војна, туку од колкав обем ќе бидат тие последици. Малите и отворени економии како нашата се многу ранливи поради големата увозна зависност особено на храна и енергија. А, скокот на цената на нафтата го зголемува ризикот одново да се разгори инфлацијата бидејќи не само што поскапуваат горивата, туку тоа се пресликува и на малопродажните цени на речиси сите производи и услуги.
Војната на Блискиот Исток неминовно се одразува на финансиските пазари и претставува нов стрес на глобалната економија, но берзите на крајот секогаш од секоја криза излегуваат како победници, велат експертите. Падот е очекуван по првичниот шок, а искуството покажува дека берзите не само што закрепнуваат за неколку месеци, туку достигнуваат повисоки нивоа од предкризниот период.
- „Постојат генерално три типа на реакции. Првата е, луѓе се повлекуваат и ги чуваат парите во кеш, втората група се луѓе кои одат во други финансиски инструменти, како што е злато и други благородни метали, кои перформираат добро во кризи и се дефанзивен финансиски инструмент за да си го заштитат својот капитал и третите се оние кои што си ја пратат својата стратегија на долг рок, без разлика што се случува во моментот. Тоа се луѓе кои акциите ги гледаат на долг рок, односно инвестирањето не го гледаат како краткорочни циклуси, туку како инвеститор во тој бизнис и тој бизнис на долг рок ќе продолжи да функционира добро“, вели Коста Костов, инвестициски агент во ВФП Фонд Менаџмент.
Веќе не станува збор за тоа дали светската економија ќе се соочи со последици од новата војна, туку од колкав обем ќе бидат.
Македонија веќе ги научи лекциите од минатото кога се соочи со негативните ефекти од блокирањето на енергетските канали, смета универзитетскиот професор Борче Треновски. Но, и покрај тоа, вели тој, малите и отворени економии како нашата се многу ранливи.
- „Најпрво, целата ситуација, односно економската состојба во која се наоѓаме не смееме да ја занемариме. Гледате дека веќе подолг период сме соочени со бројни кризи, буџетскиот дефицит, иако привремено намален, високо остана со години, јавниот долг ни е прилично висок. Нашиот фискален простор е прилично истрошен за некои силни економски и социјални мерки ако ескалира состојбата понатаму. Она, дополнително, ние сме увозно зависна земја. Пред сè, сме увозно зависна за храна и енергија. Во енергијата најголем дел заземаат енергетските поврзани со нафтата“, вели универзитетскиот професор Борче Треновски.
Минатото покажа дека дури и самата геополитичка неизвесност создава турбуленции на пазарите. Но, нашите соговорници се оптимисти дека нема долго да се задржи сегашната воена состојба и последиците нема да се големи.
Мирјана Јовеска
Ова само дел од емисијата, Бизнис Објектив е вечерва на Телма во 20:05 часот
Б.С.
