Повеќе од 400 граѓани побарале информации во врска со можноста за евакуација од Израел, Доха и Абу Даби, од кои 30 изразиле подготвеност да ја напуштат земјата во првата можна прилика. Според информациите на Телма, 18 од лицата кои побарале евакуација се наоѓаат во Изрaел, а 12 во Доха.
Со сите пријавени лица, како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворшена трговија, се одржува редовна и континуирана комуникација преку дипломатските претставништва таму преку отворени дежурни телефонски броеви, а се преземаат и подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата на Блискиот Исток.
„За граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, согласно информациите и насоките од надлежните институции, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување“, информираат од МНР.
Притоа, за евакуација од Израел, како што информираат од МНР, се разговара со пријателски земји и меѓународни партнери за нивна помош за евакуација на македонските граѓани, без детали колку и кои земји и партнери станува збор. Што се однесува до Катар и Обединетите Арапски Емирати, ситуацијата таму е посложена за извлекување, бидејќи воздушниот простор е затворен, сите летови се откажанни, а локалните власти се уште не препорачуваат евакуација на странските државјани.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија притоа информира дека ги повикува сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи.
Тамара Грнчароска
Дигитална обработка: T.Д.
