Најмалку 153 лица, меѓу кои и деца, загинале во напад врз училиште за девојчиња во градот Минаб, во јужен Иран, соопштија иранските власти. Според нив, објектот бил погоден со три ракети и се наоѓал на околу 600 метри од база на Исламска револуционерна гарда, која претходно била цел на напади.
Во воздушните напади низ земјата загинале најмалку 201 лице, а 747 се повредени, соопшти иранската Црвена полумесечина.

Техеран ги обвини САД и Израел за нападот. Од американската Централна команда соопштија дека ги разгледуваат извештаите, додавајќи дека заштитата на цивилите е од највисок приоритет.
Израелската војска, пак, соопшти дека „не е запознаена“ со операции во таа област.
„Би-Би-Си“ наведува дека не може независно да го потврди бројот на жртвите поради ограничениот пристап за странски медиуми.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го нарече инцидентот „варварски чин“, додека на социјалните мрежи се појавија реакции на гнев и очај.
