Секоја година се исплаќаат милиони евра, но во државата нема јасна слика каде завршува државна помош и какви ефекти се постигнати. Ова е заклучокот од Панел дискусијата за управување со државната помош во земјите од Западен Балкан. Според пресметките, во 2023 година како државна помош биле исплатени 206 милиони евра, во 2024 година сумата се зголемила на 235,2 милиони евра. Познавачите сметаат дека не е важно само да се знае износот, туку и каде одат овие пари и дали се паметно искористени, затоа што има години кога износот кој се извојува од буџетот како државна помош достигнува и до 2 процента од БДП.
„Меѓутоа, во принцип податоците понатамошни кои се однесуваат на микро доделена помош, кои се тие компании, за кој сектор, за која намена, таквата форма на податоци во моментов изостанува“, изјави Благица Петрески од Фајнанс Тинк
И министерката за финансии Кочоска се согласува дека во овој дел треба да има поголема транспарентност.
„Недостасува единствен систематизиран преглед од кој јасно ќе се види кој добива помош, по кој основ, во кој износ и со каква цел“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Според анализите, најмногу пари како државна помош биле издвоени за време на ковид кризата. Најмногу средства, пак, завршуваат во земјоделието. Токму во овој сектор е констатирано дека се исплаќаат субвенции на земјоделци кои не ги исполнуваат условите. Сега министерот ветува дека ќе има позасилени контроли.
Освен со домашните, проблеми беа констатирани и во трошењето на европски пари. Па така, беше покренато и обвинение за злоупотреби во постапката за одобрување проекти од ИПАРД програмата, поради што Европската комисија ја прекина исплатата на парите од третата транша.
Освен субвенции, во државна помош влегуваа и социјалните трансфери, детски додаток, пари за инвестиции на компании и друго.
Ирена Чачкова
