Повик за учество на втор протестен марш упати денеска ДУИ кој како што стои во соопштението ќе се одржи в сабота во Тетово и ќе биде реакција на одлуката на Уставниот суд за укинување на одлуката за именување на улиците и враќање на старите имиња.
Од партијата нагласија дека протестот ќе биде мирен и граѓански, со цел, како што велат, да се заштитат Охридскиот рамковен договор, уставниот поредок и правната сигурност.
Според ДУИ, одлуката на Уставниот суд е непосреден повод за протестот, но незадоволството, како што наведуваат, е пошироко и се однесува на, според нив, слабеењето на механизмите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.
Во соопштението се посочува и дека идните одлуки на Уставниот суд, меѓу кои и очекуваната одлука за Законот за употреба на јазиците, треба да бидат засновани на Уставот, Охридскиот рамковен договор и принципот на правна сигурност.
